ВМРО- ДПМНЕ го повикува министерот за здравство Венко Филипче да си поднесе оставка поради хаосот кој го создаде со епидемијата со морбили и вакцинирањето.

-Првин креираше паника манипулирајќи ги граѓаните дека ќе има подобри вакцини, ако на референдумот гласаат за промена на името, а потоа и со лажното вакцинирање на  неговата внука, но и скандалот со вакцините во изминатиот рок, потенцираат од најголемата опозициска партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, власта е виновна за хаосот во здравството. Оттаму потсетуваат дека СДСМ кога беше во опозиција креираше кампања против вакцинирањето, со која, како што велат, внесоа хаос и страв кај населението, за сега да не можат да ги санираат последиците од штетите кои сами ги направија, велат од партијата.

-Филипче не знаеше како да го покрие срамот со вакцините со изминат рок кои беа пуштени во употреба и недовербата кои сами ја креираа, па тргна во злоупотреба на својата малолетна внука со цел политичка измама на граѓаните, за по неколку недели и сам да ја признае измамата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Филипче го урнисаа здравството и нанесоа голема штета на  здравствениот систем.

-Граѓаните заслужуваат квалитетно здравство, тоа е обврска на власта и компромис за тоа нема и не може да има. СДСМ и Филипче не можат да го водат здравството. Филипче и СДСМ мора да си заминат. Црнилата мора да си заминат. Зората мора да изгрее, потенцираат од партијата.