Пратениците во владејачкото мнозинство болни од ковид кои дојдоа во неделата во Собранието и претседателот Талат Џафери ги прекршиле Кривичниот законик и Законот за здравствена заштита, тврдат ВМРО ДПМНЕ и Левица во кривичните пријави кои што денеска ги поднесоа до Јавното обвинителство против пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ и Мирсолав Богдановски од ДОМ, и спикерот Џафери како третоосомничен.

„Во неделата беше прекршен и Законот за заштита на населението од заразни болести, кој што внимавајте имаше измена и дополнувања кои што ги донесе овој пратенички состав во месец октомври 2020-тата година. Токму поради овие основани сомневања денес ја поднесуваме оваа кривична пријава, која што се надеваме дека ќе се процесуира итно“, вели пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Ели Панова.

Од Левица во кривичната пријава наведуваат дека пратениците со таквото свое дејствие предизвикале страв и несигурност кај пратениците и кај јавноста

„Воедно го довеле во прашање животот и здравјето на народните избраници и на нивните семејства, а со тоа и нормалното функционирање на институцијата Собрание на РМ – како централен државен орган и единствен уставен носител на законодавната власт во Републиката. Сето ова го договарал и знаел и собранискиот спикер – третопријавениот Џафери, но истиот не само што не сторил ништо за да го спречи, како најповикано одговорно службено лице со дадени овластувања со Законот за Собранието на РМ и со Деловникот на Собранието на РМ, туку истиот и го организирал овој опасен биохазарден експеримент, кој може да го парализира нормалното работење на законодавниот дом во целина! “, велат Левица.

Од СДСМ велат дека присуството на пратениците позитивни на ковид било согласно протокол, а на кривична одговорност треба да пратениците од опозицијата бидејќи ја опструираат работата на парламентот.