Докази и сомненија кои посочуваат за постоење на 7 милионската тендерска аванта за владиниот генерален секретар Драги Рашковски доаѓаат од секој чекор, рече на денешната прес-конференција Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ која зборуваше за наводниот сомнителен тендер за набавка на систем за летање преку М-НАВ.
„Ако авантата од 7 милиони која чувме од медиумите дека Рашковски ја договара не е точна, зошто тогаш чекорите кои Рашковски ги договара по кои италијанската фирма го добила тендерот се вистинити. Зошто на снимката на Рашковски се договараат кои заклучоци ќе се донесат и доколку се провери дали навистина се донеле, вистината е поразителна за оваа криминална власт“, рече Василевска и додаде дека Рашковски на снимката договара заклучок кој владата навистина го донела за што, како што рече, има потврда во официјални документи.
Василевска до Рашковски упати десет прашања, чии одговори, според неа, би требало да го расветлат случајот во врска со наводниот сомнителен тендер.
„Доколку од менаџментот знаеле дека со италијанската компанија имале негативни искуства, зошто не го поништиле тендерот? Како е можно да биде доделен тендер на компанија со истечена тендерска документација?“, се дел од прашањата кои ги упати претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Василевска исто така кажа дека Македонија е заробена држава, а како што рече, молкот од премиерот Заев во врска со овој случај отвора сомнеж дека од договорената аванта имало и за првиот човек на владата. Ваквата афера, според неа, наметнува потреба од оставки, а првиот чекор треба да го направи токму Рашковски.