Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не смета дека е потребна смена на собранискиот спикер, одговорноста е лоцирана, институциите како никогаш до сега превземаа итни и неодлoжни мерки. Сега има кривични пријави, а во минатото ваквите случаи беа ставани под тепих, соопштија од таму.
Пратениците од владејачката партија потсетуваат дека „имало времиња кога пајаци од градски паркинг удираа полициски работници и никој со прст не мрдаше и десеттици случаи од ваков тип на непостапување и безредие во владата на ДУИ и СДС“.
-Ние докажавме дека држава има и дека законите мора да важат за секого. Обидите на СДС, ДУИ и Левица да ќарат политички поени на оваа тема не не изненадуваат и очекуваме вакви и слични обиди за девијантно однесување од нивна страна и во иднина. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изнесе јасна порака дека никој не е над законот, стои во соопштението на пратеничката група.
ВМРО-ДПМНЕ осудува и ќе осудува секогаш било какви дејствија надвор од законот и кои го нарушуваат редот, „допрва ќе се уверуваат сите дека законите ќе важат подеднакво за сите“.