Додека пациентите ги чекаат законските измени за побрза набавка на лекот што ќе ги спасува, во Собранието политички перипетии. Иако пратениците се едногласни дека мора да се купи Трикафта имаат различни погледи.
За пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ овој закон мора да биде повлечен поради можноста за криминал во здравството од страна на власта, а веќе постоечкиот закон овозможува набавка, тврди Рашела Мизрахи.
„Неработењето на Владата доведе до недостаток на медикаменти, и тоа не може и не смее политички да се камуфлира со демек потреба од измени и надополнување на законот.Во оние измени на надополнување на законот за лекови и медицински средства кои што го гледаме остава сериозен сомнеж за малверзации преку истото законско решение, особено во ставот 2 од измените и ставот 6 во кои што се вели дека преговарањето за медикаментот кој го врши Владата, цената нема да се објавува транспарентно. Ќе бараме повлекување на законот, доколку законот остане да се разгледува понатаму во Собранието тогаш ќе доставиме амандмани кои што ќе бараат всушност од тие амандмани суштински да се измени решението“ – вели Рашела Мизрахи.
Премиерот Ковачевски и денеска дециден – по изгласување на законските измени сите пациенти со цистична фиброза ќе го добијат лекот. А средствата кои ги одвои Владата за директна набавка ќе овозможи уште 4 пациенти да го добијат лекот Трикафта.
Овие законски измени имаат за цел склучување на посебни договори помеѓу Владата и производителот.А, посебните договори не се договори за јавна набавка.
„Овие договори можат да имаат различни форми и содржина, како што се пониска цена, под услов истата да не биде јавно достапна со цел заштита на финансиските интереси на производителот, или финансиски или натурален попуст (рабат)итн. Посебните договори не се договори за јавна набавка.“ – пишува во образложението на законот за лекови и медицински средства.
Осум пациенти го добија лекот Трикафта со директна набавка, а останатите 120 ги чекаат законските измени