ВМРО-ДПМНЕ не поддржува никаков вид на насилство и смета дека тоа не е одговор на проблемите, но воедно подвлекуваме дека инцидентот во Битола е реакција, на акцијата на власта поврзана со распродавањето на државните и национални интереси, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на палењето на вратата на Клубот „Ванчо Михајлов“ од страна на пејачот Ламбе Алабаковски.
„Таквата распродажба на националните интереси, дозволувањето и патронатството на провокации сервирани од источниот сосед, од страна на Владата на Македонија предизвикува кај голем број на граѓани фрустрација и бес. Во време кога се уште нема одговор каде се парите од Рекетот, во време кога се дозволи Ден Дончев да избега со туце пари кои ги зема како мито, кога Рашковски и Зекири се осомничени за огромни злоупотреби, кога нема виновни за горењето на пациентите во модуларната болница во Тетово, нема одговорност за несреќите во Ласкарци и Бугарија, кога Спасовски не одговара за нелегални пасоши издадени на белосветски мафијаши, спроведувањето на закон врз сторител на инцидент во Битола е замачкување на очите на јавноста за да се дефокусира вниманието од колективна неправда, срушениот правен систем и економската катастрофа во која живее народот“, смета ВМРО-ДПМНЕ.