ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог за промена на Законот за средно образование

/ 01.02.2021

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денес поднесе Предлог-Закон за измени и дополнување на Законот за средно образование. Имено, после средбата од пред два дена со дел од претседателството на Сојузот на средношколци на Република Македонија, и во согласност со можностите кои ни стојат на располагање, целосно ги поддржуваме и преку институциите ќе ги канализираме нивните барања, вели Игор Здравковски, пратеник на  ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

-Барања на средношколците се основани и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со овој чекор ќе им помогне наместо да го губат времето во бојкот и бирократски процедури кои траат премногу долго, да се смени законот и тие да можат да се насочат на учење. Средношколската унија во Македонија, испрати барање до сите пратенички групи со кое предвидуваат олеснување на полагање на матурата, односно проектна задача и полагање на 2 предмети наместо 4 и тоа: мајчин јазик и уште еден, кој ќе биде соодветен за понатамошен упис на факултет, за оние кои планираат да го продолжат своето образование. Со оглед на сите настанати околности како последица на КОВИД-19 пандемијата, со оглед на фактот дека учебната 2020/21 година почна со еден месец задоцнување, времетраењето на училишниот час од 30 минути, скратените наставни програми, немањето можност за вистинска пракса, немањето технички услови кај дел од учениците итн, сметаме дека овој дел може да се регулира со дополнување на законот за средно образование, каде ќе се дефинира бројот на предмети како и времетраењето на важноста на овој Закон, истакна тој.

Здравковски ги повикува сите останатите пратенички групи, без разлика дали се од мнозинството или од опозицијата да го поддржат овој наш Предлог-Закон со што би им дале надеж на матурантите и нема да дозволиме да имаме уште една пропадната генерација поради неспремноста на системот.

-Матурантите не бараат прашања од пониско ниво како што најавија од Државниот испитен центар, затоа што тоа е директно штетно влијание со намалување на квалитетот на образованието, туку бараат по примерот на Обединетото Кралство, Ирска, Франција, Белгија, кои ги укинаа испитите оваа година, токму поради состојбата во образованието во услови на КОВИД 19 пандемија, кај нас да се намали бројот на истите. За брза реализација на овој чекор треба само добра волја и конечно, намалување на егоцентричноста и ароганцијата на Царовска и за доброто на образовниот систем да ги прифати сите пропусти, да почне со правење анализи и носење рационални решенија. Образованието е носечки столб на државата. Матурантите се идните носители во сите дејности во државата и токму затоа ние им ја даваме нашата поддршка, истакна тој.

 


Од истата категорија