ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази да одговори зошто не покренува истраги против функционери на ДУИ. Од партијата вчера посочија дека неговата снаа од брат, Шпреса Абази била лани вработена во Министерството за политички систем предводено од Артан Груби. Од Министерството пак, одговорија дека лани била вработена друга личност, со исто име и презиме, Шпреса Абази, но на позицијата преведувач, додека пак, снаата на обвинителот била вработена во институцијата во 2015-тата година, но потоа прераспределена во Агенцијата за електронски комуникации. Од опозициската партија повикаа одговори да даде Абази, а не Министерството за политички систем.

„Факт е и дека Шпреса Абази е на листата вработени кај Груби, полагала тестови, за потоа да се вработи во АЕК, на објавен оглас за работно место во АЕК, советник за одговор на компјутерски инциденти. Јасни се низата злоупотреби на позициите, злоупотребата на министерство како агенција за вработување на миленички, снаи, деца, новинари на ДУИ! Не очекуваме Ислам Абази да одговори, исто како што не одговара за ниедна корупција, ниту злоупотреба од ДУИ!“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.