Наводите на СДС дека усвоената Резолуција е неуставна и дека ја нарушува слободата на изразување претставуваат грубо неразбирање или свесна злоупотреба на уставно-правната природа на овој акт, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Резолуцијата е политички акт на Собранието, со декларативен карактер, преку кој законодавниот дом изразува став, оценува појави од јавен интерес и утврдува политички позиции. Таа не е закон, не е подзаконски акт и не создава општообврзувачки норми, ниту пак воведува забрани, санкции или ограничувања на права и слободи.
Оттука, тврдењата дека со Резолуцијата се „гуши слободата на говорот“ се правно неосновани. Слободата на изразување, гарантирана со Уставот, може да биде ограничена само со закон, под строго утврдени услови. Во конкретниот случај, не постои ниту законска интервенција, ниту правен механизам што би ја ограничил политичката активност или јавното изразување на СДС или на кој било друг политички субјект.
Резолуцијата не забранува дебата, не забранува изнесување ставови и не воведува цензура. Таа осуда на дезинформации не претставува уставно-правна санкција, туку политичка оценка, што е целосно легитимно право на Собранието.




