СДС изгледа не може да се помири со тоа што почнаа да се средуваат институционалните рушевини кои тие ги оставија по седумгодишното владеење. Наместо да им е мило што во државата почнаа да се средуваат работите и што институциите почнаа да функционираат, на СДС и тоа не им чини, соопшти ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата кон СДСМ.

„СДС не се навикнати во државата да постои ред и поредок, да има институции со образовани и професионални кадри.

СДС се навикнати институциите да се полнат со партиски кадри избрани и предложени лично од нив.

Тоа и нивниот начин на функционирање. Сите се сеќаваме на нивниот партиски кадар, тогаш пратеник во македонското Собрание, кој на собир со граѓани, членската книшка на СДС ја изедначуваше со лична карта.

Исто така, јавноста добро памети дека на официјалните Фејсбук страници на општински организации се повикуваа граѓаните кои аплицирале на конкурс за вработување во одбрана, прво да се јават кај претседателот на општинската организација.

Тоа е начинот на функционирање на СДС, каде за обично работно место на граѓаните им бараат да извадат нивна членска книшка и прво да се јават во партија.

Затоа сега им смета и се бунат против професионализацијата на институциите, каде при вработување ќе се вреднува знаењето, образованието и професионалноста на кадрите, која ќе доведе до ефикасен јавен сектор“, потенцираат во реакцијата.