СДСМ наместо да понуди помош, удри врз администрацијата и пред се врз просветните работници, кои и онака се оставени сами на себе да се справуваат во вонредната ситуација, но и со неспособноста и неорганизираноста на образовните власти.
Владата донесе уредба со законска сила со која што ги ограничи исплатата на додатоците и надоместоците на платата на администрацијата, а со тоа во образованието. Тоа значи дека на наставниците им се укинуваат додатоците за одделенско раководство, менторство, минат труд и тешки услови.
Во време кога се одвива настава за која секој наставник, секое училиште се оставени сами на себе да се снаоѓаат како умеат, во време кога во вонредни услови, без, од почеток никаква поддршка од министерството и владата, самостојно се организираа разни форми на интернет комуникација на наставниците со учениците и нивните родители, за да може да тече образовниот процес. Во услови кога и денес се уште се прави притисок врз наставниците со секојдневни нереални дописи и закани со државниот просветен инспекторат – СДСМ во образованието, на наставниците им ги крати стажот, надоместокот за класните раководители, им крати за менторството и за тешките услови.
Можеби во моментов не патуваме по ридско планински села, но во условите во кои функционира процесот, образованието го освојува Монт Еверест: Борејќи се со интернет кој не подржува онлајн часови, со е-дневник што не функционира, со рокови за оценување, со постојани дописи и упатства, со ученици кои немаат уреди, со родителите на учениците кои и сами не знаат како да работат на различните платформи, бидејќи никој до сега не се потрудил да создаде стандард, платформа, да направи обука за наставниот кадар и учениците. И сепак се работи, со волја и амбиции да им овозможиме на учениците стекнување на знаења и движење кон следната година на образование.
Почитувани,
Платите во образованието се ниски и недостојни за работата и функцијата која се извршува во општеството. Платите во образованието се многу пати помали од оние на функционерите на СДСМ од 180.000 денари, или министерските од 70 до 90 илјади. Ним, во власта и СДСМ, можеби овие додатоци од неколку илјади денари им изгледаат малку, за нас во образованието сепак ни се многу. Уште повеќе, што платите во образованието се кратат и покрај колективниот договор, потпишан од СДСМ непосредно пред договорени избори.
Наместо власта во однос на образованието да се занимава со Уредба со која ќе се откаже полагањето на матура во вакви вонредни услови за завршување на наставната година, таа сега, и покрај сиот напор за продолжување на наставата и во вакви услови, всушност директно ги казнува и ги удира по џеб наставниците и стручните соработници во воспитно образовниот систем.
Прес- конференција на Милка Тримчевска