Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ ги демантира информациите кои излегоа во јавноста дека станува збор за официјален брифинг во однос на имињата за кандидати за градоначалници на наредните локални избори.
ВМРО-ДПМНЕ во најскоро време, во текот на наредната недела ќе излезе со официјална листа на имиња за кандидати за градоначалници во најголем дел од општините за наредните локални избори кои ќе се одржат на 17-ти октомври 2021 година.
Претходно, некои медиуми, повикувајќи се на анонимен извор од партијата, известија дека се познати дел од кандидатите со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе атакува на градоначалничките фотелји во скопските општини.
Така, на пример, Сител тврдеше дека „високи извори од партијата за Сител потврдуваат“ дека во овој момент речиси сигурни се кандидатурите за пет општини.
Според Сител, Орце Георгиевски ќе биде кандидат на опозицијата за Кисела Вода, Дарко Костовски ќе ја бара довербата од граѓаните во Бутел а докторот Александар Стојковски ќе истрча во Ѓорче Петров. За општина Гази Баба кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде претседателот на локалниот ОК Бобан Стефковски. За градоначалник на град Скопје се уште во игра се неколку имиња но според нашите извори во опозицијата најмногу шанси има претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска. Слична е ситуацијата и во Аеродром каде во предност е Дејан Митревски. Во општина Центар според се уште не потврдени информации ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи кандидатот на партијата Глас за Македонија историчарката Наташа Котлар.