Заев и Филипче треба да им објаснат на граѓаните што значи тоа илегално носење на вакцини, веднаш да излезе Комисијата за заразни болести да каже дали и колку се безбедни овие вакцини и најважното, Јавното обвинителство да истражи дали некој од ова профитира, побара попладнево портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој објави видео на кое се гледа како српската премиерка Ана Брнабиќ вели дека Македонија добила илегално вакцини.
– Никој во Република Македонија не знае дали и колку вакцини се стигнати во државава и кој сѐ ги добил и колку платиле луѓето за вакцинирање преку ред и со врски тие што ги добиле? Факт е дека вакцини за населението нема и не се знае кога ќе има. Но, уште поголем факт е што Владата и Министерството за здравство не се подготвени за вакцинација на граѓаните дури и уште денес да пристигнат вакцините – рече Арсовски.
Според него, неспособноста на Владата е дотолку голема што ние не знаеме кој по кој редослед ќе се вакцинира, а сѐ уште немаме ни регистрирано вакцина.
– Жално е што дознаваме од премиери на странски држави дека Зоран Заев и Венко Филипче вакцинирале илегално во Република Македонија, односно вакцинирале дали преку врски или за пари. Ова е скандал од невидени размери и поигрување со здравјето на сите болни, хронични, пензионери и ризични категории на граѓани. Нечовечноста на СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев излезе на површина – додаде Арсовски.