Откако функционерот на ЛДП, Филип Аврамчев, деновиве го обвини партискиот лидер Горан Милевски дека самиот, без да го праша централниот одбор, се предложил за министер во новата влада, ЛДП денеска преку соопштение го обвини Аврамчев дека е во „тесна спрега со опозицијата“ и дека преку него, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да инсталира „подобен“ претседател, со чија помош сака да се врати на власт.

Милевски на обвинувањето одговори дека ја има целосната поддршка од ЦО на ЛДП за да ја извршува министерската функција и најави дека ќе свика седница на партиското тело во следните денови, за тоа да биде потврдено.

Партијата, во денешното соопштение во кое воопшто не го споменува името на Аврамчев, ја повика градочалничката Данела Арсовска да ги објави извештаите од неговата работа како директор на Универзалната сала.

„Јасно е како ден дека актуелниот директор на Универзална сала, кој во јавноста ги пласира невистините за претседателот на ЛДП, е во тесна спрега со опозицијата. Затоа, ЛДП, јавно ја повикува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да ги објави финансиските извештаи за работењето на Универзална сала, особено делот за незаконско работење, за кој беше обвинуван актуелниот директор на прес-конференциите на ДПМНЕ, за време на изборната кампања. Срамно е што киднапираната ДПМНЕ си дозволи да користи ниски методи за уцена на поединци со цел нанесување на штета на угледот на претседателот на ЛДП и инсталирање за нив „подобен“ претседател кој ќе ја реализира агендата за враќање на власт на нереформираното ДПМНЕ“, се вели во соопштението од ЛДП.

Аврамчев, пак, во изјава за порталот Локално рече дека нема потреба Данела Арсовска да ги објавува финансиските извештаи, туку тоа ќе го стори самиот тој.

„Сите финансиски извештаји за работата на Универзална сала, освен овогодинешниот, кој се работи во моментов се јавно достапни. Не мора да ја барате градоначалничката Арсовска, јас лично ќе ви ги доставам“, вели поранешниот директор на Универзална сала.

-Сѐ почна од моето барање на маил групата на ЦО на ЛДП за работење согласно статут. За жал после тоа се соочив со сериозни напади и лични дисквалификации од страна на Претседателот Милевски, кои се несвојствени за еден обичен хомо сапиенс, не пак за носител на висока јавна функција, вели Аврамчев.

Околу состојбата во ЛДП денеска се огласи и ВМРО-ДПМНЕ, која го обвини Милевски дека партијата си ја третира „како гранапче“.

„Дури и членови на ЛДП преку медиумите обвинуваат дека Милевски откако е министер си ја вработил сопругата на Клиника, додека баџанакот го поставил за директор во Државна Лотарија. Милевски има вработено свој братучед во Државната видео лотарија, а кумашинот во Идризово, додека кумашинката си ја вработил во министерството за локална самоуправа. Дали Милевски преку ЛДП ја поддржува мафијашката влада на СДСМ – ДУИ, за да си ги вработува роднините во администрација?“, прашаа од опозициската партија.