СДСМ и Заев се подготвуваат повторно да ја изиграат волјата на граѓаните на Република Македонија. Аболицираниот Заев подготвува изборен фалсификат на претседателските избори и затоа бега од техничка Влада и предвремени парламентарни избори, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-СДСМ и Заев се свесни дека немаат поддршка од македонскиот народ и затоа како и за референдумот спремни се на се, освен на фер и демократски изборен процес. Тие знаат дека македонскиот народ е гневен за сите понижувања, црнила и порази кои му ги приредија. Токму затоа немаат храброст да се соочат со граѓаните на предвремени парламентарни избори, свесни се за казната која ќе им следува. Откако е СДСМ на власт, државата и граѓаните се повеќе осиромашуваат. Над 500.000 граѓани живеат во беда и сиромаштија додека криминалниот картел и неговите функционери секојдневно си делат државни тендери и грантови и си покачуваат плати. Нема повисоки плати за граѓаните, нема повисоки стипендии, нема повисоки пензии, но затоа има поголеми трошоци за живот, поголеми даноци и корупција која со СДСМ ги доживува своите златни денови. Ветуваа едно општество за сите, но прво што направија е тоа што го поделија македонското општество. Поради неуставното носење на законот за јазици, Македонија е поларизирана како никогаш досега во историјата. Како и тоа да не им беше доста, па на македонскиот народ му го погазија достоинството и му го нанесоа најголемото понижување. СДСМ на најбезобразен и насилнички начин, по пат на закани и уцени, спротивно на волјата на граѓаните го промени името на државата и се откажа од македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и традиција. Граѓаните јасно на 30 септември порачаа дека се против промена на уставното име на Република Македонија. СДСМ и аболицираниот Заев се одлучија да одат спротивно на сопствениот народ, само заради лични и кариеристички цели, и граѓаните тоа никогаш нема да им го простат, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека СДСМ и Заев во овие две години донесоа само црнила, понижувања и порази.
-Затоа бегаат од предвремени парламентарни избори кои ќе бидат спроведени од техничка Влада, го гледаат гневот на македонскиот народ кој со секој изминат ден се повеќе се противи на нивните црни политики. ВМРО-ДПМНЕ ја има поддршката од народот. Граѓаните знаат дека ВМРО-ДПМНЕ тоа што го ветува, тоа и го остварува. Тие знаат дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш работи за доброто на граѓаните, за доброто на Македонија и во заштита на државните и национални интереси. ВМРО-ДПМНЕ е народна, партија од народот, од граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ секогаш е заедно со својот народ и секогаш на патот на Македонија. Граѓаните заслужуваат подобар живот, подобар стандард и подобра иднина за себе и за своите деца. Тие не смеат повеќе да живеат бедата, црнилата и понижувањата кои ги нанесуваат СДСМ и аболицираниот Заев. Токму затоа се потребни предвремени парламентарни избори, за СДСМ да замине во историјата, а граѓаните и Република Македонија конечно да почнат да напредуваат, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.