Не прекинуваат изненадувањата зад портите на Идризово. Минатата ноќ горел автомобил на вработен во затворот, а возилото се наоѓало зад управната зграда. Според непотврдени информации, запален бил автомобилот на дежурниот командир на затворот.. Огнот го оштетил предниот дел од автомобилот. Од МВР велат дека пожарот го гасел и сопственикот кој заработил изгореници.

„На 16 јуни во 01:50 часот било пријавено дека во кругот на КПУ Затвор „Идризово“, на паркинг било опожарено патничко моторно возило, „фиат пунто“, сопственот на вработен во затворот. Пожарот бил локализиран од Бригадата за противпожарна заштита и сопственикот, кој при гасењето се здобил со повреди“, велат од МВР.

Од Министерството за внатрешни објаснуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Засега нема информации дали пожарот во автомобилот е поврзан со претресот кој откри дека затворениците во Идризово поседувале дрога, ножеви, телефони, компјутери и огромни суми пари.

Директорите на Идризово и санкции, денеска не беа достапни да одговорат како се запалил автомобилот на вработен во затворот.

Министерството за правда пак, информираше дека раководните луѓе на затворите и управата денеска имале средба со Тупанчевски за актуелни проблеми.

„Констатирано е дека најголеми проблеми во затворите се преоптовареност, немање соодветна здравствена заштита за осудените лица, недостаток на соодветен кадар. Комуникацијата со директорите ќе се интензивира во насока на создавање подобри услови за осудените лица и спречување на девијатните појави“, се вели во известувањето до Министерството за правда.

За помалку од една недела, палењето на автомобил е трет случај кој се одвива во кругот на најобезбедуваното парче земја во државата. Два дена пред полицискиот претрес, била пријавена тепачка меѓу затвореници, а во пресметката се користеле и ножеви.