Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 60 метри утрово има на патниот правец Куманово – Страцин и до 80 метри на планинскиот превој Буково, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, на некои повисоки места наместа со остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, Маврово и на планинските превои Стража, Буково и Пресека.
На патниот правец Свети Николе – Миладиновци на 10 км пред Миладиновци, поради свлечиште и голем одрон, сообраќајот е пренасочен само на една коловозна лента во должина од 150 метри. На самото место е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.