Фатмир Лимани, познат активист и независен кандидат на последните избори за општина Кичево, денеска и официјално стана дел од Движењето Беса. Тој рече дека овој политички субјект ги обединил заедничките цели, меѓу кои и борбата против корупцијата и градењето подобра иднина за идните генерации. Лимани рече дека одлучил да не создава нов политички субјект за да не го раздели гласот на Албанците.
„Единствената и главна причина поради која се здружувам со еден од политичките субјекти на опозицијата е да не предизвикам нова разделба на гласот на Албанците. Целта на моето вклучување во политиката, односно на Движењето Беса не е да изградам политичка кариера, туку да изградиме нова генерација политичари каде професионалноста ќе биде клучот за нивно издигнување и развивање на нивните кариери. Решив моето вклучување во политика да биде за зајакнување на опозицискиот фактор.“
Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, рече дека ова е првиот чекор за зајакнување на структурите на оваа партија, пред конгресот што ќе се одржи во март. Сепак, не соопштува дали се во разговори со други лица кои можеби покажале интерес за влез во оваа политичка партија.
Инаку, Фатмир Лимани за време на владеењето на ДУИ беше заменик директор во ЕЛЕМ од каде што беше разрешен а е познат и како член на тн „огнена група“ заедно со други високи функционери на ДУИ, кои изразија незадоволство од владеењето на партијата на Ахмети и особено од нејзините назначувања во извршната власт. Фатмир Лимани остана запаметен и по пораката упатена до Али Ахмети да не го пали јорганот за една болва.
Тој денеска изјави и дека според него, Мицкоски е идниот премиер на Македонија.