Седуммина жители на село Моштица, кај местото викано Божаница, шест години не можат да дојдат до приклучок за струја. Најмногу погоден од проблемот е Јанче Андоновски, кој како што вели вложил 30 илјади евра во изградба на објект, а веќе шест години никако да се најде начин да му се уважи барањето за приклучување на неговиот објект на електричната мрежа.
Имам проблем со струјата, објектот ми е легализиран по сите документи, но имам проблем со доводот на струја, не само јас туку седум објекти во овој дел од Моштица немаме електрична енергија. Приклучокот е далеку околу 400 метри за да стигне до нашите куќи. Поднесов многу барања, последното ми е одбиено во август 2018 година. Доаѓаа овде екипи, мереа, сликаа, но зошто не може да се приклучи струја не ни кажаа, вели Андоновски.
Слична е приказната и со објектот на Јован Илиевски, кој вели дека за да се приклучат на електричната мрежа од нив се бара сами да го платат надоместот за потребниот кабел кој треба да стигне до нивните објекти.
– Јас прв направив викендица што исто така е без струја. Бевме кај поранешни градоначалници и во ЕВН, велат да направиме наша линија, да си платиме жица, кабел, а потоа ние пак да плаќаме приклучок по 500 евра. Тоа нас секој посебно ќе не чини по две илјади евра од човек, плус приклучок. Овде сме доста куќи на кои им треба струја, има и други луѓе кои сакаат да се вратат тука да живеат, но без струја тоа е невозможно, вели Илиевски.
Во последното известување кое Андонов го добил од ЕВН стои дека неговиот објект нема технички услови за приклучок.
– Техничката документација на постоечката мрежа и проектната документација која Андоновски ја поднел за напојување со електрична енергија на предметното конзумно подрачје, со анализа на показателите добиени од извршените мерења за електроенергетската состојба и проверка на лице место на подготвените можни решенија за напојување на предметниот објект утврдено е дека ОДС нема технички услови за приклучок на објектот кој се наоѓа на КП/5564/0 КО Моштица, стои во последното известување до Андоновски од ЕВН.
Доколку не се изнајде решение за проблемот со кој се соочуваат седумтемина жители на Моштица, помош велат оти ќе бараат во соодветна судска постапка. Дотогаш, како што велат, ќе живеат на свеќи или во целосен мрак.