На меѓународниот аеродром во Тирана попладнево пристигна пратка од 192.000 вакцини против Ковид-19 од кинеско производство, од договорените еден милион.

Премиерот Еди Рама, кој пристигна со лет на „Ер Албанија“ заедно со пратката најави дека со турскиот дистрибутер се работи на отворање фабрика за производство на вакцини во Албанија.

– Пред да дадам објаснувања околу новите дози вакцина сакам со вас да споделам една многу добра вест. Почнавме разговори за да ја донесеме фабриката за вакцини, која во моментов е една од најголемите фармацевтски компании во светот, која исто така ја дистрибуира вакцината Синовак а е производител и на други фармацевтски производи, изјави Рама.

Најави дека во рок од 60 дена во Албанија ќе пристигнат многу повеќе вакцини и ќе започне масовна вакцинација на населението.

– За неполни 60 дена ќе имаме 1,2 милиони дози што ќе ни даде можност проширување на вакцинацијата на целата територија и да започнеме поинтензивен процес на вакцинација. Очекуваме да добиеме 70.000 од Фајзер, 80.000 од Астра Зенека и уште 25.000 Спутник В, кои заедно со 106.000 вакцини кои се во процедура со ЕУ, прават вкупно 871.000 вакцини, како и 500.000 од Синовак, наведе Рама.

Тој вчера доцна попладне отпатува за Турција, каде денеска потпиша договор со турската компанија „Кејмен илач Санаји тикарет“ (Keymen Ilaç Sanayi ve ticaret), за еден милион вакцини Синовак.

Во Албанија до сега пристигнати се над 282.000 вакцини од Фајзер, од АстраЗенека, Спутник В и денешната од Синовак. /МИА