Утре започнува новата учебна година кај соседите Албанија и Косово, каде првиот час ќе биде посветен на пандемијата со коронавирусот и исто така секоја недела на еден час во наставата ќе се говори за Ковид-19.

Во Албанија утре почнува новата 2020/2021 учебна година, според посебни протоколи поради пандемијата со Ковид-19.

На ученичка клупа треба да седнат 430.000 основци и средношколци, од нив над 31.000 првачиња. Сите задолжително треба да носат заштитна маск, да вршат дезинфекција на рацете и обувките и да одржуваат физичка дистанца.

Во секое училиште ќе има по еден здравствен работник,кој при влезот во училштето ќе им мери температура на учениците.

До сите училишта Министерството за образование, спорт и млади веќе доставило формулари, што „под лична одговорност“ секој ученик треба да го пополни со податоци дека не е заразен ниту имаат некој заразен член во семејство.Истото треба да го сторат и нивните родители.

Во Албанија наставата ќе се одвива комбинирано, една недела со физичко присуство, една недела онлајн. Во 1.097 училишта ќе се одвива во една смена, во 472 училишта во две и во 183 училишта во три смени. Наставниот час ќе трае 30 минути а во училница ќе има до 20 ученици.

Поради пандемијата училиштата беа затворени на почетокот на март а на почетокот на јуни беа отворени единствено за учениците од завршните класови на средните учлишта, заради полагање на матурскиот испит.

Од 31 август до 11 септември во 600 основни училишта беше одржана дополнителна настава за над 5.400 основци, кои не биле во можност да следат онлајн настава.

Беа опфатени главно децата од ромска и египќанската етничка заедница, оние од поддалечените рурални области, како и од семејства со значителни економски и социјални проблеми.

Министерот за образование и наука на Косово, Рам Ликај, најавувајќи го утрешниот почеток на школската година, информира дека во сите училишта првиот школски час, како и по еден час неделно во иднина, ќе биде посветен на пандемијата на Ковид-19, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција по тој повод, Ликај информира за мерките кои се преземени за што поголема заштита на сите учесници во учебниот процес.

Тој нагласи дека подготовките за отворање на училиштата за учениците започнале пред еден месец.

– Исчистени се и дезинфикувани училиштата, изготвено е општо упатство со три сценарија, како и мастер-план за е-образование кој е усвоен со додатен буџет од 12,5 милиони евра, а изготвени се протоколите за дејствување во однос на пандемијата, со кои се јасно утврдени мерките што треба да се преземат во одредени ситуации, рече Ликај.

Освен тоа, како што информира, секоја образовна институција формира сопствена работна група која ќе дејствува на дневни основи, поделени се учебниците и подготвени се сите наставници за настава од дистанца.

– Сите се задолжени да носат маски. МОН подели околу половина милион маски вчера и денеска во училиштата низ Косово. Околу 300 наставници кои се во тешка здравствена состојба нема да учествуваат во процесот, но ќе примаат плата, информира Ликај.

Тој рече дека одлуката за отворање на училиштата во услови на пандемија воопшто не била лесна.

– Тоа беше најтешката одлука во мојот живот, рече Ликај.