Во Тирана утре почнува дводневниот министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, со фокус на илегалната миграција.
Покрај првите луѓе на ресорните министерства од земјите на Западен Балкан, во Тирана ќе допатуваат и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.
Домаќини на овој значаен собир се министрите за правда Улси Мања и за внатрешни работи Бледи Чучи, кои ќе имаат и одвоени средби со еврокомесарите но и со нивни колеги од другите земји.
– Присуството на еврокомесарот за правда Рејндерс, еврокомедарката за внатрешни работи Јохансон, чешкиот министер за правда Павел Блажек, како и други претставници од правосудните институции во ЕУ, се јасна порака за вниманието, приоритетот и интересот на Европската Унија кон Западен Балкан во областа на правдата, напиша меѓудругото Мања во најавата за одржување на форумот.
Според медиумите прашањето за запирање на преминувањето на мигрантите преку Западен Балкан е голем проблем за Европската Унија.
– Тоа е затоа што земјите-членки, како Австрија, овие месеци се соочија со пристигнување на илјадници мигранти. Ова е трета недела по ред како еврокомесарката Јохансон се среќава со министрите за внатрешни работи од регионот, наведуваат медиуми.