По полагањето заклетва како пратеник во Европскиот парламент, Фреди Белери е избран и за потпретседател на Комисијата за петиции во оваа институција.
Минатата недела Белери доби дозвола од Управата на затворите да замине во Стразбур, каде положи заклетва како европратеник, откако победи на изборите на листата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и Нова демократија.
-Им благодарам на колегите за мојот избор за потпретседател на Комисијата за петиции, за што бев информиран во затвор. Тоа е голема чест и уште поголема одговорност за мене како новоизбран европратеник. Наскоро мојата авантура ќе заврши и ќе можам да ги извршувам задачите што ми ги доверија грчките граѓани, изјавил Белери.
Белери издржува затворска казна во Албанија, за изборна корупција, откако беше притворен два дена пред локалните избори, одржани на 14 мај минатата година. Иако во притвор тој беше реизбран за градоначалник, но не положи заклетва во предвидениот законски рок и делумни избори за градоначалник ќе се одржат на 4 идниот месец.
Во меѓувреме, по вторпат, во Судот во Фиер, се одложи рочиштето по неговото барање за предвремено ослободување, бидејќи издржал 2/3 од двегодишната казна. Адвокатите обвинија дека тоа се прави за да не се дозволи ослободување на Белери до одржување на делумните локални избори за прв човек на Општина Химара.