На целата територија на Албанија без никаков проблем продолжува имунизацијата против Ковид-19 на просветните работници, со вакцината на „АстраЗенека“, потврди министерката за здравство Огерта Манастирлиу.

Според неа денес „ 6.120 просветни работници се позаштитети од Ковид-19 по примањето на првата доза“.

– Располагаме со над 38.000 дози на вакцината АстраЗенека која пристигна на 12 март. Од 13 март започна анти-ковид вакцинација на просвтените работници, најпрво во Тирана, а потоа и низ целата земја. Наскоро, добра вест за интензивирање на процесот на вакцинација зашто добиваме нова пратка од 60.000 вакцини, рече таа.

И премиерот Еди Рама вчера најави дека наскоро во земјата ќе пристигне нов контингент вакцини против коронавирусот, кога ќе започне вакцинацијата на прпадниците на полицијата, армијата а по вакцинирањето на лицата над 80 години, ќе започне вакцинацијата на лицата над 60 години.

Досега во земјата се пристигнати над 80.000 вакцини против Ковид-19 од нив 38.400 од АстраЗенека а останатите од Фајзер. Вакцинирани се околу 35 илјади лица, главно здравствени работници, како и лица постари од 80 години и просветни работници.