Азербејџанските власти уапсија седум лица поврзани со агенцијата „Спутник Азербејџан“, финансирана од Русија, соопшти денес Министерството за внатрешни работи во Баку.

Маскирани полицајци извршија рација во канцелариите на „Спутник Азербејџан“ во понеделник, а Министерството за внатрешни работи на Азербејџан соопшти дека медиумот работи преку „нелегално финансирање“, и покрај тоа што му беше одземена акредитацијата во февруари.

Главниот уредник Евгениј Белоусов и уредничкиот директор Игор Картавич беа приведени во рацијата, додека петмина други се под истрага за наводна измама, нелегално претприемништво и криминално стекнување имот, објави АП.

Белоусов и Картавич се обвинети за заговор за измама, што носи максимална казна затвор до 12 години, а се обвинети и за заговор за перење пари или друг имот и заговор за спроведување на нелегално претпријатие. И двајцата беа уапсени и осудени на најмалку четири месеци затвор.

Матичната компанија на „Спутник“, „Раша Тудеј“, денес изјави дека е „длабоко загрижена“ за рацијата и дека меѓу приведените има и вработени од Азербејџан.

Додадено е дека на дипломатите од рускиот конзулат не им бил дозволен пристап до притворените граѓани, а станот на Картавихов бил претресен и запленета е компјутерска опрема. „Сите овие дејствија се неосновани и доведоа до блокирање на „Спутник Азербејџан“.

„Ги повикуваме азербејџанските власти веднаш да ја решат оваа неприфатлива ситуација и да ги ослободат нашите колеги“, објави „Раша тудеј“.

Кремљ, исто така, повика на ослободување на вработените во „Спутник Азербејџан“, додавајќи дека таквите мерки „апсолутно не се во согласност со општоприфатените правила и норми и не одговараат на духот и природата на руско-азербејџанските односи“.

Претходно денес, државната форензичка служба на Азербејџан соопшти дека наодите од обдукцијата спроведена во Баку врз двајца Азербејџанци кои починаа минатата недела откако беа уапсени од руската полиција покажале дека биле претепани до смрт.

Смртта на браќата Зијадин и Хусеин Сафаров предизвика дипломатски тензии меѓу Москва и Баку и доведе до апсење на новинари од руските државни медиуми кои работат во Азербејџан, објави Ројтерс.

Амбасадорот на Азербејџан во Русија беше повикан во Министерството за надворешни работи во Москва во вторник за да предаде официјален протест поради „непријателските дејствија на официјален Баку и нелегалното апсење на новинари“, објави Ројтерс.

Влошувањето на односите меѓу Русија и Азербејџан продолжи откако истражните власти минатата недела во Екатеринбург, руски индустриски град, спроведоа десетици рации врз етнички Азербејџанци осомничени за соучество во нерешени злосторства, вклучително и сериски убиства.

Браќата Сафаров починаа за време на овие апсења, во кои вкупно шест лица беа лишени од слобода. Руските власти првично објавија дека Зијадин починал од срцев удар, без да ја наведат причината за смртта на Хусеин.

Телата на починатите браќа беа вратени во Баку во понеделник вечерта за дополнително форензичко испитување, по што раководителот на форензичката служба во Министерството за здравство на Азербејџан, Адалат Хасанов, објави дека наодите од обдукцијата покажале дека браќата починале од „посттрауматски шок“ по тешко тепање.