Во Берлин денеска беше поставен камен-темелникот за екуменската зграда наречена „House of Оne“ (Куќа на еден), во која под еден покрив ќе се наоѓаат црква, џамија и синагога.
-„Куќа на еден“ во себе содржи тешка теолошка задача: без резерва да добиете различни духовни перспективи. Тоа е место на отвореност и толеранција, изјави претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле, за време на денешното поставување камен-темелник во историскиот центар на Берлин.
Шојбле ја истакна потребата од дијалог меѓу религиите, а тоа, како што кажа, се покажа и преку антисемитските испади за време на анти-израелските протести во последните неколку недели.
-За жал, на тоа ние сме сведоци и во Германија.Најновиот антисемитски излив, како резултат на ескалацијата на насилството на Блискиот Исток, ја злоупотребуваат верата за политички цели, заклучи Шојбле.
Проектот „Куќа на еден“ настана како иницијатива на загрижени луѓе од трите вери, христијанската, еврејската и муслиманската.
Еден од иницијаторите, протестантскиот свештеник, Грегор Хохберг, ја нагласува важноста на симболиката при изградбата на оваа уникатна институција токму во ова историски значајно место во центарот на Берлин каде се наоѓа црквата „Св. Петар“, изградена во 13 век, и која, по сериозните оштетувања за време на битките за Берлин во Втората светска војна, беше урната за време на ГДР.
-На најстарата локација во Берлин, каде што стоеше неговата прва црква, сакаме заедно да погледнеме во иднината. На темелите на старата црква градиме една целосно нова зграда – „Куќа на еден“. Тоа ќе биде куќа за молитва и поука во која ќе живеат три вери: синагога, црква и џамија, сите под ист покрив, рече Хохберг.
Градоначалникот на Берлин, Михаел Милер, проектот го нарече „симбол на толеранција и успешен дијалог меѓу религиите“.
Верскиот објект, во кој покрај црквата, џамијата и синагогата треба да има „заедничка просторија за состаноци“ треба да биде готов до 2025 година, со проценети трошоци за изградба од 47,3 милиони евра. Досега се собрани 40 милиони евра од јавни средства и приватни донации од над 60 земји.