Изложба за 80-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна ќе биде отворена вечер во НУ Центар за култура – Битола во организација на Амбасадата на Република Полска во Скопје.
Изложбата е насловена „Борба и страдање. Полските граѓани за време на Втората светска војна“ и ќе биде изложена до 30 септември од 10 до 22 часот.
Изложбата, како што инфомираат организаторите, е подготвена од полското Министерство за надворешни работи и Музејот на втората светска војна од Гдањск за одбележување на 80-годишнината од избувнувањето на војната која започна со нападот на нацистичка Германија на Полска.
– Овој најголем оружен конфликт во историјата донесе огромни човечки и материјални загуби, а исто така имаше големо влијание врз политичките и територијалните промени во Европа по 1945 година. Нашата изложба ја раскажува историјата на полската борба против тоталитарниот режим, копнежот по слобода и хероизмот да се спасат други, храброста на војниците и обичните луѓе, заедничка борба против непријателот и борбата за слобода на другите земји – сето ова го заслужува нашето сеќавање, се вели во соопштението на Амбасадата на Република Полска во Скопје