Монета на Александар Трети Македонски, но и 217 други римски монети кои датираат од 104 година пред новата ера се изложени во НУ Завод и Музеј-Битола.
Одбележувајќи го 18 мај – Меѓународен ден на музеите, а во рамки на изложбата „Приказните од Градиште – Црнобуки“, за јавноста достапна на увид е и луксузна керамика пронајдена на археолошкото наоѓалиште Градиште крај Битола.
Локалитет Градиште во близината на Битола долго време интригираше како археолошко наоѓалиште кое последниве години интензивно го истражуваме. Резултатите од истражувањата се многу интересни, а ги добивме со помош и на колегите кои претходно работеле во наоѓалиштето, односно Виктор Јелчиќ, Иван Миколчиќ и Антонио Јакимовски. Дојдовме до заклучок дека се работи за голема градска населба, можеби најголема во овој дел на Пелагонија која опстојувала во македонско-хеленистичкиот период и почетокот на римското владеење во Македонија. За среќа, со нашата работа успеавме да заинтересираме и колеги од Универзитетот Полихамболт во Калифорнија, со кои во мешани македонско-американски тимови истражуваме на локалитетот Градиште, истакна Енгин Насух, археолог во НУ Завод и Музеј-Битола.
На локалитетот Градиште пронајдени се монета од Александар Трети Македонски, 217 сребрени монети и други раритетни откритија кои сега се поставени на светската археолошка карта.
На изложбата презентирани се дел од наодите во Градиште-Црнобуки, најстариот наод е монета на Александар Трети Македонски, а има наоди кои што се од крајот на старата ера, крајот на римската република и почетокот на империјалниот период. Како постари наоди ги издвојувам камените секири кои што датираат од енеолитот, бронзеното време…многу порано од цивилизираното живеење во градот што покажува дека се работи за една долгогодишна традиција на живеење во Градиште. Имајќи ја во вид стратешката поставеност на самото Градиште, податокот и не е за чудење бидејќи местото е поставено на точка од која се гледаат повеќе делови на Пелагонија и приодот од страната на Демир Хисар. Меѓу наодите значајно место добива и депото со 217 парчиња од сребрени републикански римски монети кои датираат од 104 година пред новата ера до 41 година пред новата ера. Станува збор за импозантно депо со извонредно зачувани монети кои што дополнително ќе ја кажуваат приказната за градот Градиште и економските и трговски врски во тоа време. На археолошкото наоѓалиште откривме многу керамички производи од републикански римски период. Станува збор за увоз на луксузна керамика која доаѓа од поголемите центри на римската република, керамика која се произведувала на локално ниво и затоа добро е што изложбата е поставена и достапна за јавноста, а со тоа и запознаена со нашата работа, посебно на денот на Музеите што денеска и оваа вечер го одбележуваме, нагласи археологот Насух.
Изложбата „Приказните од Градиште“ на авторот Енгин Насух, како постер презентација следниот месец ќе биде поставена во Албанија.