Четири лица загинаа денеска, а 18 се ранети во последниот израелски напад врз центарот на Бејрут, недалеку од зградата на либанската влада, соопшти Министерството за здравство на земјата.

Областа Зукак ал Блат, која беше цел на израелскиот напад, е едно од засолништата за раселените од конфликтот во јужен Либан и јужните предградија на Бејрут, пренесува Ал Џезира.

Според податоците на либанското Министерство за здравство, од почетокот на конфликтот со Хезболах на 8 октомври минатата година во израелските напади врз Либан загинале најмалку 3.516 луѓе, а 14.929 се ранети.