Во Брисел вечерва почнува 12. самит на европски и азиски држави – Самит на Европа и Азија (АСЕМ), на кој ќе учествуваат претставници на 51 земја.
Станува збор за неколкудневен собир на кој лидерите ќе разменат мислења за соработката и заедничките предизвици во Европа и во Азија.
Главни теми ќе бидат политичката, економската, финансиската, социјалната и културолошката соработка.
Во рамки на собирот под назив „Глобални партнери за глобални предизвици“, лидерите ќе разговараат како Европа и Азија можат да соработуваат преку трите столба на АСЕМ – политичкиот, економскиот и финансискиот, како и општествениот и културолошкиот.
Останати теми за дискусија се и одржливиот развој и климата, како и безбедносните предизвици против тероризмот, кибер безбедноста и илегалната миграција.
На маргините на АСЕМ се очекува и потпишување билатерални договори, вклучувајќи ги и тие за слободна трговија, заштита на инвестициите, како и договори за партнерство и соработка со Сингапур.
Европската унија на самитот ќе ја пратставуваат претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, како и еврокомесарот за надвореша политика Федерика Могерини и потпретседателот на ЕК, Јурки Катаинен.