И по петтите предвремени парламентарни избори во последните две години во Бугарија нема да може да се формира стабилна влада, барем судејќи според излезните анкети. Тие покажуваат дека разликата помеѓу коалициите на поранешните премиери Петков и Борисов, е во рамките на статистичка грешка. Според нив на изборите победува коалицијата на „Продолжуваме со промените“ и „Демократска Бугарија“, кои ќе освојат два или три мандати повеќе од коалицијата на ГЕРБ и СДС.
Мртва трка се води и за третото место помеѓу националистите од партијата „Преродба“ и Движењето за права и слободи. Според излезните анкети, Движењето за права и слободи освојува нешто помалку од половина процент повеќе од „Преродба“, односно еден мандат повеќе.
Во бугарскииот парламент ќе влезат и Социјалистите, додека за партиите „Има таков народ“ и „Бугарски подем“ не се очекува да го поминат 4 процентниот праг.
Дека изборите ќе завршат без изразен победник предвидуваа и предизборните анкети. Бугарија повеќе од две години не може да формира стабилна влада, а честите избори создадоа замореност кај гласачите, и нивната индеферентност ја зацврстува и перцепцијата дека кај ниту една од политичките партии нема вистинска волја за решавање на најтешките проблеми во државата.