Полицаец беше нападнат утрово околу пет часот со нож во Брисел, при што, според медиумите, напаѓачот извикувал „Алаху Акбар“.
Федералното јавно обвинителство на Белгија соопшти дека за нападот е отворена истрага за „обид за убиство во терористички контекст“.
Меѓутоа, според Обвинителството, мотивот на напаѓачот не е познат, а терористичката природа на нападот не е докажана.
– Сведоци го слушнале човекот како извикува “Алаху Акбар“. За сега го задржуваме најширокиот можен опсег во истрагата, но може да има измени, изјави портпаролката на Обвинителството, Ине Ванвејмерш.
Нападот се случи во центарот на Брисел, близу главниот плоштад. Полицаецот е повреден во пределот на вратот, но е вон животна опасност.
Напаѓачот, пак, е застрелан со огнено оружје и се наоѓа во болница, при што, исто така, не е во животна опасност.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, осомничениот, кој има белгиско државјанство, е роден во 1984 и не им е непознат на судските органи. Во 2014 година тој бил затворен за обид за убиство и нелегално поседување оружје.
Белгискиот министер за внатрешни работи Јан Јамбон, нападот го нарече “кукавички“.
– Полицијата повторно е жртва на кукавички напад, изјави Јамбон.