Нападнат е иранскиот товарен брод „МВ Савиз“, што со години е закотвен во Црвеното Море кај Јемен, а за кој се верува дека е база на паравоената Револуционерна гарда, соопшти денеска иранската државна телевизија, пренесувајќи ги извештаите на западните медиуми.
Извештајот на државната телевизија претставува прв ирански коментар за вчерашниот напад врз бродот „МВ Савиз“, што, како што се сомнева, го извршил Израел, пренесуваат американските медиуми.
Нападот се случи истиот ден кога Иран и светските сили повторно седнаа на маса во Виена, на првите преговори за можноста за враќање на САД во нуклеарен договор со Иран.
Саудиска Арабија постојано го критикуваше долгото присуство на бродот во регионот, додека експертите од Западот и Обединетите нации велат дека Иран обезбедува оружје и поддршка за бунтовниците Хути во Јемен, во долготрајната војна во оваа земја.
Иран негира дека ги вооружува бунтовниците Хути, иако дел од оружјето на бунтовниците се поврзува со оваа земја.
Иран претходно за бродот „МВ Савиз“ кажуваше дека помага во операциите против пиратите во Црвеното Море и теснецот Баб ел Мандеб.
Иранската агенција Тасним, за која се верува дека е блиска до Револуционерната гарда, вчера информира за нападот врз бродот, наведувајќи дека бил активиран експлозив поставен во трупот на бродот „МВ Савиз“. Агенцијата не обвини никого за нападот и додаде дека иранските власти најверојатно ќе објават повеќе информации во следните денови.