Во полициска акција на Единицата за финансиски криминал, по налог на Јавното обвинителство и извршени претреси на повеќе локации, уапсени поранешниот министер Трајан Димковски, ексдиректори и раководител во Агенцијата за стокови резерви и ЈП „Агроберза“, како и вештак.

Осомничени се злоупотреба на службената положба. Според МВР и Обвинителството, тие на Владата и дале неточни информации за неоснован кусок на 1.500 тони пченица и 500 тони јачмен од стоковите резерви. Потоа бил направен отпис, со што, според надлежните буџетот бил оштетен за над 780 илјади евра. Случајот се однесува на периодот 2019 – 2021 година, кога Димковски беше државен советник, па заменик-министер.

„Осомниченото вешто лице внело невистинити податоци, не земајќи ги предвид сите податоци и целокупната документација од агенција за стоковни резерви Скопје и ЈП „Агро берза“. Вештиот наод бил приложен кон информацијата до влада и истата била прифатена при што агенцијата за стоковни резерви била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност 780.487 евра, која претставува штета на буџетот“, велат од Обвинителството.

За сите петмина, Обвинителството побара мерки на претпазливост, бидејќи делото се гони во скратена постапка.