Лидерот на ДУИ размислува дали да го прифати предизвикот. Неговите сопартијци сметаат дека само на Ахмети му доликува да биде претседателски кандидат. Аргументите за тоа се дека гласачите Албанци плебисцитарно ќе се определат за него, а кандидатурата би била голем поттик и за парламентарните избори, брифира за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.
Можно ли е првпат изборот за шеф на државата да биде далеку повозбудлив од изборот на новиот парламентарен состав и владата? Ова може да биде реалност ако се потврдат информациите дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, влегува во претседателската трка наспроти претседателскиот кандидат на албанската опозиција Арбен Таравари, кој денеска ја промовираше кандидатурата. Ако Ахмети реши да биде претседателски кандидат на ДУИ, тоа не само што ќе предизвика потрес во албанскиот, туку и во македонскиот политички блок.
Медиумите во Македонија веќе објавија дека ДУИ на претседателските избори ќе оди со свој кандидат и дека сериозно во игра е потпретседателот на партијата и министер за надворешни работи Бујар Османи.