Во организација на Здружението на пензионери од Македонска Каменица, со техничка поддршка на Културно информативниот центар „Романса” и оваа година на манастирскиот комплекс „Еленец“ во селото Цера во Македонска Каменица се одржа традиционалната манифестација „Бабина Баница 2019“.
На настанот, како што информираше Горан Огнановски, директор на Културно информативниот центар „Романса“ присуствуваа над 5.000 посетители како од Македонија, така и од соседна Република Бугарија.
– Моментално кај манастирскиот комплекс ,,Еленец” се наоѓаат околу 5.000 посетители, кои дојдоа да присуствуваат на овој традиционален настан, кој по 8 пат се одржува во селотот Цера. Како дел од традицијата домаќинките се натпреваруваа во подготовка на баница под вршник, со организирана ревијална културна-уметничка програма на која настапија повеќе секции од Здруженија на пензионери. Годинава и покрај Здруженија на пензионери од Македонија, имаше пензионери и од Бугарија и од Србија што настанот и годинава имаше меѓународен предзнак, истакна Огнановски.
Огромен бенефит од оддржувањето на настанот годинава имаше локалниот угостителски сектор, кој според првичните пресметки продаде повеќе од 4 илјади килограми прехранбени производи.
За најдобро приготвените баници, општината и годинава обезбеди пригодни награди, а за сите присутни беше послужен и традиционалниот манастирски ручек.