Неколку дронови од непознато беа забележани синоќа над воената база во местото Марш-ан-Фамен во југоисточна Белгија, информира белгискиот министер за одбрана Тео Франкен во објава на Икс.

Во објавата Франкен додава и на истата локација и во саботата биле регистрирани слични „четири до пет“ дронови.

– Тоа најверојатно биле професионални управувачи со дронови кои мапирале одредени работи. Тоа не е дело на аматери, туку на искусни управувачи на дронови, наведе Франкен.

Тој додаде дека дроновите регистрирани во саботата „подолг временски период“ летале над клучните делови од базата.

Во изјава за белгиската државна телевизија ВРТ, Франкен изрази загриженост поради појавата на дроновите, оценувајќи дека тоа претставува „нов безбедносен предизвик“.

– Ни требаат добри системи за детекција. Треба да можеме на радар да ги видиме (дроновите) како се приближуваат. Овие системи постојат и треба да ги набавиме што е можно побрзо, изјави Франкен, најавувајќи дека ова прашање ќе го покрене пред Владата следната недела.

Во последниве недели дронови беа регистрирани над неколку аеродроми и воени објекти ширум Европа, вклучително и во Белгија. Така, на почетокот на месецов над белгиската воена база Елзенборн на границата со Германија беа забележани околу 15 дронови, кои по надлетувањето над објектот се упатиле на германска територија.

Засега не познато каков тип на дронови биле вклучени во секој од инцидентите во Белгија, ниту пак кој стои зад нив.

Белгискиот министер за одбрана потврди дека се забележани нови дронови над воена база

Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен денеска потврди дека се забележани повеќе беспилотни летала над воена база во земјата, јави ДПА.

„Синоќа повеќе беспилотни летала беа повторно забележани над Марш-ан-Фамен“, напиша Франкен на платформата X.

Полицијата и разузнавачките служби спроведуваат истрага за инцидентот, додаде министерот, пренесен од германската агенција.

Франкен претходно ги потврди медиумските извештаи дека неколку дронови во саботата вечерта прелетале над воениот камп Марш-ан-Фамен.

„Тоа не беше дело на аматери, туку на вешти пилоти на беспилотни летала“, напиша тој на X.

Франкен ја нагласи потребата брзо да се купи соодветна опрема, пренесуива ДПА.

„Досието за купување е подготвено. Нема повеќе време за губење!“, изјави тој.

Белгиската влада моментално е во криза поради тешките преговори за буџетот и големите мерки за штедење.

Беспилотни летала претходно беа забележани на почетокот на октомври во близина на кампот Елзенборн.

Фото: Архива