Француските власти приведоа седум лица кои продавале фалсификувани негативни резултати од тестови за новиот коронавирус, јави ДПА.
Тие ги продавале потврдите со фалсификувани податоци на патници на парискиот аеродром Шарл де Гол. Таквиот лажен сертификат чинел помеѓу 150 и 300 евра, според обвинителството. Истражителите откриле повеќе од 200 лажни резултати на мобилните телефони на осомничените.
Француската гранична полиција почна истрага откако патник кој леташе кон главниот град на Етиопија, Адис Абеба, беше фатен со лажен негативен тест за вирусот.
Судскиот процес против фалсификаторите – шест мажи и жена е закажан за во март. Тие се соочуваат со затворска казна од пет години и парична казна до 375.000 евра.