По првиот карантин пролетва, многу Французи се прашуваа дали ќе се преселат од град на село. Но, врз основа на здравствени индикатори, подобро е да се живее во урбани средини за да се живее подолго, јави дописникот на МИА.
Новата студија, објавена денеска од Здружението на рурални градоначалници на Франција (АМРФ), во партнерство со Радио Франс Блу, претстави јасна слика за влошувањето на здравствената состојба во руралните области. Жителите на хипер-руралните територии живеат во просек 2,2 години помалку од оние родени во хипер-урбаните средини.
Предностите на живеење на село веќе не се очигледни, кога не е можно да се има термин за општ лекар неколку месеци. Така, очекуваното траење на животот на руралниот свет се намалува од година во година. Постои „влошување во последните триесет години помеѓу руралните и урбаните средини“, потврди Емануел Вињерон, професор на универзитетите во Монпелје и специјалист за територијалниот пристап кон здравството. Според ова истражување, во 2019 година, мажите се најлоши со 2,2 години помалку животен век при раѓање, наспроти 0,9 години за жените. Јазот во очекуваниот животен век се влошил во последните триесет години: тоа било само 0,2-0,3 години за дете родено во 1990 година.
Објавените бројки покажуваат дека 20 отсто од жителите во руралните области трошат помалку болничка нега од жителите на градовите. Дете родено во 2019 година во хипер-рурален оддел има животен век од 78,5 години, додека маж на иста возраст роден во хипер-урбана средина ќе живее во просек 80,7 години. Се чини дека колку е помалку урбанизирана средината, толку е пократок животниот век.
Недостигот на пристап до здравствена заштита ги загрижува сите рурални градоначалници. Здравствената состојба се очекува да се влоши поради пензионирањето на лекарите. Според првиот потпретседател на АМРФ, Доминик Думо, „очигледно е дека во рок од три или четири години, бројките ќе покажат дека очекуваното траење на животот дополнително ќе се влоши на село во споредба со градот“. АМРФ смета дека „државата се откажа пред територијалните фрактури“ и „дека ништо не се презема за борба против нив“.
Претседателот на АМРФ, Мишел Фурние, во интервју за Франс Инфо, смета дека е потребно да се принудат лекарите да дојдат и да се населат на овие рурални територии.