Претседателот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц и веројатно иден германски канцелар, за време на презентацијата на коалицискиот договор на идната демохристијанска социјалдемократска влада во Берлин изјави дека договорот е силен сигнал за Германија, но и за Европската унија.
„Германија добива ефикасна и силна влада, тоа е порака до нашите европски партнери. Европа може да има доверба во Германија“, изјави Мерц по завршувањето на коалициските преговори меѓу Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Мерц ги пофали брзите и хармонични преговори со СПД и заклучи дека тоа е важна основа за идната соработка.
„Овој договор го постигнавме заеднички и мислам дека е добра основа за работата на владата во следниот изборен период“, рече Мерц.
Тој изрази уверување дека новата влада ќе почне со работа „најдоцна на почетокот на мај“.
„Иднината на нашата земја, нашите граѓани, но и иднината на Европа е во прашање“, рече Мерц. Веројатниот иден канцелар укажа на новите глобални околности и заклучи дека „многу механизми работат против нив, а не во нивна корист“.
Мерц како најважни елементи на коалицискиот договор ги истакна намалувањето на даноците, новите инвестиции и инвестициите во инфраструктурата. За да се помогне на индустријата, особено на онаа која зависи од евтината енергија, се планира намалување на данокот на струјата.
Меѓу важните точки на договорот, како што нагласи Мерц, е крајот на нерегулираната миграција и измените во законот кон странците, кои вклучуваат измени на неодамна донесениот закон за државјанство, така што стекнувањето германско државјанство ќе биде повторно можно дури по пет години наместо досегашните три.
Мерц рече дека формирањето влада ќе го намали подемот на десничарската Алтернатива за Германија (AФД), која бележи зголемување на популарноста во последните денови во анкетите на јавното мислење
Претседателот на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Содер, рече дека коалицискиот договор е „пакт за Германија“, но и сигнал во странство „дека Германија се враќа“.
Покрај Мерц и Содер, потпретседателите на СПД Ларс Клингбејл и Саскија Ескен пред новинарите во зградата на парламентот го претставија коалицискиот договор.
При претставувањето на коалицискиот договор не беа споменати имињата на новите министри, но беше најавено дека ЦДУ ќе добие шест министерства, меѓу кои и МНР и за економија, СПД седум, меѓу кои и Министерството за финансии, а ЦСУ три министерства, од кои најистакнато е Министерството за внатрешни работи.
Дали СПД ќе влезе во коалициска влада со Унијата треба да одлучи базата на партијата на референдум во наредните денови. Текстот на договорот ЦДУ ќе го стави на гласање на партискиот конгрес.
Во својата прва реакција на коалицискиот договор, претседателката на АФД, Алис Вајдел рече дека тоа е „повелба за капитулација“ на Фридрих Мерц.
„ЦДУ/ЦСУ се откажа од сите свои предизборни ветувања“, најави Вајдел.