Брана во рускиот град Белгород, во близина на границата со Украина, е оштетена од украински дронови, соопштија денеска руските власти.

Нивото на водата во вештачкото езеро е намалено за еден метар, соопшти руската служба за управување со води за новинската агенција ТАСС. Регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков ги повика жителите што живеат под браната да бидат претпазливи.

Командантот на украинските сили за дронови, Роберт Бровди, ги потврди вчерашните напади врз браната. Тој рече дека водата од реката ги поплавила руските позиции во близина на селото Графовка. Оттаму, реката тече во украинска територија, каде руските трупи држат мал мостобран во близина на Вовчанск од 2024 година.

Меѓународното хуманитарно право забранува напади врз брани или други објекти каде што штетата може да ослободи деструктивни сили – освен ако тие не се користат за нивната вообичаена намена, туку за поддршка на воени дејствија.

Руските трупи ја дигнаа во воздух браната Каховка во летото 2023 година, предизвикувајќи огромен поплавен бран што поплави големи области во јужна Украина. Имаше и многу жртви. Русија, исто така, таргетираше хидроцентрали на реката Дњепар, потсетува германската агенција ДПА.