Половина милион Грци, односно 565.000 се вакцинирани и со двете дози од вакцината против Ковид-19, а 1.065.000 примиле барем една доза, со што е постигната 10,14 отсто имунизациска покриеност, соопшти денеска генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, јави дописничката на МИА од Атина.
На редовната прес конференција, Темистоклеус рече дека од 1 април започнува нова фаза во процесот на имунизација, со активирање на речиси сите центри за вакцинација, над 1.000, а планот на Владата е следниот месец да се спроведат 1,5 милиони вакцинации.
Процесот на имунизација во Грција, моментално е отворен за лица од 60 до 64 години, за граѓани над 70 години, за лица со сериозни хронични болести, како и за здравствените работници, додека пак од петок ќе започне пријавувањето за старосната група од 65 до 69 години.
Во однос на доставата на вакцините, Темистоклеус рече дека очекуваат 1,1 милиони дози од Фајзер, 450.000 дози од АстраЗенека, 100.000 дози од Модерна, додека пак од Џонсон, најавите се за 70.000 дози во април, 300.000 во мај и 960.000 во јуни.
Во Грција денеска беше регистриран нов негативен рекорд на пациенти приклучени на апарати, вкупно 738, додека пак Националната организација за јавно здравје соопшти 1.724 нови случаи и 65 починати лица од Ковид-19.