Седум лица во Грција починаа од Ковид-19 во изминатите 24 часа, а вкупниот број се зголеми на 49, додека пак од почетокот на епидемијата регистрирани се вкупно 1314 позитивни случаи, јави дописничката на МИА од Атина.
Претставникот за Ковид-19 од Министерството за здравство на Грција, професорот епидемиолог Сотирис Циодрас на редовната секојдневна прес конференција, рече дека во изминатите 24 часа регистрирани се 82 нови случаи, а кај екипаж на брод за крстарење биле потврдени уште 20 други позитивни случаи, од проверени 383 лица.
Од хоспитализираните, 85 се приклучени на апарати и се на просечна возраст од 66 години.
Од Ковид-19 во Грција починаа 37 мажи и 12 жени на просечната возраст од 72 години.
Кај јужниот сосед, до сега се спроведени 16732 тестови.