Годишната инфлација во Грција за месец октомври изнесува 9,1 отсто, намалена во споредба со податоците за септември и првпат по седум месеци падна под десет проценти, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалните податоци од грчката служба за статистика, односно согласно месечниот извештај за инфлацијата и цените во Грција, општиот индекс на потрошувачки цени во октомври 2022 година во споредба со соодветниот индекс од септември 2022 година, бележи намалување од 1,2 отсто.
За една година регистрирано е зголемување на цените на голем број услуги и производи, меѓутоа зголемувањето е помало во споредба со податоците од минатиот месец.
Цената на природниот гас се зголемила за 68,4 проценти, на нафтата за греење за 20,8 отсто, на електричната енергија за 7,4 проценти поскапа, а зголемување на цените има и кај прехранбените продукти.
Млечните производи и јајцата, во споредба со лани се поскапи за 24,2 проценти, лебот и житните производи за 19,3 отсто, месото за 17,3 отсто, маслата и мастите за 16,6 проценти итн.
Во споредба со цените од септември, минатиот месец, природниот гас бил за 52,8 проценти поевтин, нафтата за греење за 11,2 отсто, а струјата за 2,9 проценти.
Кај прехранбените производи, со исклучок на рибите, не е регистрирано намалување на цените, туку во периодот од септември во октомври се зголемиле меѓу 1 и 7,2 отсто.
Годишната инфлација во Грција во март беше 8,9 отсто, во април 10,2 отсто, во мај 11,3 проценти, во јуни достигна рекордни 12,1 отсто, во јули изнесуваше 11,6 проценти, во август се намали на 11,4 отсто, а во септември повторно се зголеми на 12 проценти