Во изминатото деноноќие во Грција е регистриран највисок број дневни случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата со рекордни 21.657 новозаразени, од кои речиси 10.000 се во областа Атика, поширокиот регион на Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Починаа 60 лица, а 635 пациенти (шест повеќе од вчера) се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците, од кои 540, односно 85,04 отсто се невакцинирани или делумно вакцинирани.

Бројот на нови случаи вчера беше драстично зголемен со регистрирани 9.284 новозаразени од 95.174 тестирани, додека, пак, денеска новите 21.657 случаи се од направени 556.060 тестови.

Од почетокот на пандемијата, во Грција се потврдени вкупно 1.105.885 случаи на Ковид-19, а починаа 20.557 лица.

Министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, како што веќе објави МИА, најави дека земјата денеска ќе има рекорден број нови случаи, објаснувајќи дека според утринските податоци, новите случаи се над 15.000 од околу 550.000 тестови.

Тој додаде дека надлежната комисија на епидемиолози утре ќе има состанок за да ја разгледа ситуацијата и да излезе со препораки дали мерките соопштени вчера ќе се спроведат порано, односно пред Нова година.

– Сакаме и се обидуваме мерките да се спроведат од 3 јануари. Но, порастот на случаите што ги гледаме денеска, доколку продолжи и утре, очигледно ќе биде предмет на оцена од комисијата, секако во комбинација со притисокот што ќе го предизвика овој период од три или четири дена врз националниот здравствен систем. Значи, сите можности се отворени за повторно разгледување, врз основа на текот на пандемијата, објасни министерот за здравство на Грција, говорејќи за ЕРТ.

Новите мерки што е планирано да стапат во сила следниот понеделник, на 3 јануари предвидуваат угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично да затвораат на полноќ, дозволено ќе биде до шест лица на една маса, а забрането е стоење, до 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор ќе работат од дома, а спортски натпревари ќе се одржуваат со 10 отсто публика или најмногу 1.000 лица.

Маската со висока заштита КН95, освен за супермаркетите и јавниот превоз, каде што е веќе задолжителна од петокот, ќе биде задолжителна од понеделник и за вработените во угостителскиот сектор.