Од петок во цела Грција, освен карантинот што е на сила веќе пет дена, се воведува полициски час, односно ограничување на движењето на граѓаните од 21 до 5 часот, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на вонредната прес конференција, попладнево соопшти дека дозволено ќе биде излегување поради работни обврски, од итни здравствени причини и за прошетка на домашно милениче, а за секоја од овие причини, потребна е соодветна потврда (за работа) или испратена смс порака.

Хардаљас објасни дека одлуката доаѓа откако било констатирано дека има непотребна раздвиженост на граѓаните.

Веќе три дена по ред, бројот на починати од Ковид-19 во Грција е над 40 лица дневно, а од ден на ден, сѐ повеќе се зголемува и бројот на пациенти приклучени на апарати.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, во изминатите 24 часа регистрирани се 2.752 нови случаи на Ковид-19, починаа 43 лица, а приклучени на апарати се 297 пациенти, 34 повеќе од вчера.

И од денешните нови случаи, најголемиот дел се во Солун (777 новозаразени) и во областа Атика, поширокиот регион на Атина (635).

Од почетокот на епидемијата, во Грција е регистрирани вкупно 63.321 случај на Ковид-19, а починаа 909 лица.

Поради лошата епидемиолошка слика во земјата, од саботата беше воведен карантин во цела Грција, што ќе трае до 30 ноември.