Граѓаните во Грција кои припаѓаат на одредени ризични категории и имаат хронични болести ќе примат и трета доза од вакцината противи Ковид-19, соопшти попладнево претседателката на Комисијата за имунизација од грчкото Министерство за здравство Мариа Теодориду, јави дописничката на МИА од Атина.

Третата доза ќе биде со мРНА вакцина и се однесува на: лица кои имале трансплантации на срж или матични клетки, лица кои се на листата за трансплантација, лица со бубрежна инсуфициенција подложени на дијализа, пациенти со рак кои примаат хемотерапија, пациенти со автоимуни заболувања и лица со ХИВ.

Теодориду објасни дека препораката на комисијата е третата доза да биде најмалку четири седмици по втората доза, а на почетокот на септември ќе ја примат сите оние кои припаѓаат на конкретните категории, а се вакцинирале пред август.

Во однос на процесот на имунизација во земјата, генералниот секретар во Министерството за здравство Марис Темистиклеус, на денешната редовна прес конференција соопшти дека досега се аплицирани 11.160.000 дози од вакцините.

Со една доза се вакцинирани 5.900.000 граѓани, односно 56,2 отсто од општото и 65,4 проценти од полнолетното население.

Целосно имунизирани се 5. 615.000 лица, што е 53,5 проценти од општата и 62,7 отсто од полнолетната популација.

Во изминатите 24 часа во Грција се регистрирани 2.628 нови случаи на Ковид-19, починаа 34 лица, а 319 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници.