Градските власти на германскиот град Хановер, кој се смета за предводник на движењето за родова рамноправност, донесе одлука неговата администрација да се обраќа на полово неутрален јазик.
Во официјалните писма и во електронската пошта, во брошурите и соопштенијата на општината и институциите во градот, како и во сите форми и флаери во иднина треба да се користат родово неутрални формулации, а административниот јазик целосно да е еднаков за половите.
Така, на пример, професијата учител и учителка, сега ќе се нарече предавач. Избирачите стануваат гласачи, а учесниците и учесничките- луѓе или личности.
Правилата се задолжителни за сите чиновници во градот и тие треба во иднина да се обраќаат подеднакво кон сите луѓе, независно од нивниот пол.
Кога не може да се најде родово неутрален збор, тогаш кон досегашниот збор се додава ѕвездичка – на пример „доцент * ки”.
Градските власти препорачуваат термините „господин” и „госпоѓа” да се избегнуваат. Наместо тоа, службениците треба да користат име и презиме. Во говори кон колеги и колешки, пак, отпаѓа вообичаеното „драги колеги и колешки” и се заменува со „драги коле * шки”. Сепак, останува обраќањето „Почитувани дами и господа”.
Службениците објаснуваат дека на овој начин одговараат на закон за воведување на трет пол во административните книги, кој беше донесен минатата година.