Со експлозивна направа, вчера околу 19.00 часот, е предизвикан пожар во помошна просторија од семејна куќа на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево.
Како што соопшти ЈОРМ, експлозијата оштетила патничко моторно возило „сеат леон“ кое било паркирано во просторијата и е во сопственост на јавниот обвинител. Пред повеќе од еден месец, се посочува, гумите на истото возило биле со нож исечени од непознато лице.
-Основното јавно обвинителство Кичево со екипа од Министерството за внатрешни работи изврши увид на местото на настанот. Издадени се наредби за подигање примероци од експлозивната материја која е предадена на вештачење. Обвинителството врши проверка и на видео записите од камери поставени на околните објекти. Се преземаат дејствија во континуитет за целосно расчистување на настанот и пронаоѓање на сторителот, се наведува во соопштението од ЈОРМ.