Кина извести за само 11 новозаразени со новиот коронавирус, но за прв пат по избувнувањето на епидемијате, повеќето лица дошле од странство.
Меѓу единаесетте новозаразени, четворица се пријавени во градот Вухан, епицентарот на Ковид 19, каде вирусот се појави кон крајот на 2019 година, соопшти Министерството за здравство.
Ова е најмал број пријавени откако започнаа евиденцијата во јануари.
Другите седум – четири лица во Шангај, двајца во провинцијата Гансу и еден во Пекинг – дошле од странство. Не се наведува од кои земји се.
Кина сега има вкупно 95 „увезени“ случаи, како што ги нарекува.
Иако епидемијата „застана“ во земјата, како што рече претседателот Си Џинпинг, санитарните власти и натаму се претпазливи поради доаѓање на заразени патници, особено од Иран, Јужна Кореја, Италија и САД.
Градската влада во Пекинг оваа недела објави дека сите што доаѓаат во градот од други земји, мора да се изолираат 14 дена во карантин.
Досега има 80.824 заразени лица во земјата. Но, повеќе од 65.000, повеќе од 80 проценти, беа излечени и ја напуштија болницата.